МОЛИВТВЕНИК

Моливот ми е тап веќе неколку дена, а острилки нема никаде во градот. Ги забранија пред неколку години. Го забранија и пишувањето со молив, но некои зборови, едноставно, не се пишуваат со пенкало. Знам, можам да употребам скалпел, или кујнски нож, или што и да е, но не сакам. Ќе пишувам без моливните зборови, иако се клучни за тоа што сакам да го кажам. Ќе пишувам нешто друго, можеби за братучед ми кој сакаше да убива жаби, или за сестра ми која еднаш ме гаѓаше со нож; за хартиените авиончиња кои ги пуштавме од прозорецот на мојот одамна починат другар од детството или за дрвените слончиња кои ги правеше комшијата Бага, полицискиот инспектор, во неговиот подрум, а ние му ги крадевме и ги подарувавме на маалските деца; за престарата комшиката Маре и за нејзините вечни довикувања кои никој не ги разбираше… Всушност, нема да напишам буквално ништо: ќе молчам седнат пред белиот лист додека гладните мравки ги јадат трошките од моите сеќавања и уживаат во вкусот на заборавот.

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Напишано од Владимир Лукаш

Лажни вести или произволна вистина?

Јован Јованов врати се!!!