во

21 март – Ден на поезијата

Сеќавање (пофалба на минатото)

Дали се сеќаваш кога првпат се сретнавме

и кога ме гледаше, правејќи се дека не ме гледаш

и кога јас те гледав, како да не те гледам;

и кога ти реков: Тој што ќе го прашаш за мене

оној е за кого прашуваш

и кога потоа се држевме за раце

како живиот оган што се држи за огништето.

Дали се сеќаваш кога се враќавме дома

и кога, пред да нè наврне дождот, ми рече:

Падна првата капка – почетокот на поплавите,

доаѓа водата што е корен на секој корен,

што е фитил во зрното, во икрата, во ципата

во кои се подготвува светската експлозија.

Дали се сеќаваш кога со едната рака работев,

а со другата те хранев и те милував

и кога ти реков дека прегратката и бакнежот

не ја кажуваат ни половината од мојата љубов;

кога срцата ни грмеа и го заглушуваа светот

и кога ти ми рече, не знам што ми рече

и кога јас ти реков, не знам што ти реков

и кога она што не можев да ти го кажам

беше меѓу моите зборови застанато.

Дали се сеќаваш кога ја отвори вратата,

покажувајќи ми колку е убав надвор денот

и кога јас ти реков дека и дома е убаво

и убаво е секаде кај што ти престојуваш.

Ти рече: Погледни! а мислеше – Те гледам,

јас ти реков: Гледам, а мислев – Ме гледаш,

кога Земјата се преобуваше, се преврзуваше,

кога сè беше јасно во јасното сонце

и качунката на повисоко си ја качуваше воздишката,

што беше несреќна само кога не е со тебе.

Дали се сеќаваш кога се тркаа мотоциклистите,

втрчувајќи и во денот што требаше да дојде,

кога Работнички победуваше во кошарка,

кога небото го задржуваше сонцето

на височината што е еднакво оддалечена од сите,

кога низ кожата ти наѕирав, како низ прозорец

и гледав што се работи во моето село,

кога јули надоаѓаше од секаде до секого,

кога од пологот излетуваше потполошката,

како патоказ на своето беспатје на полето

и кога ме праша: Што мисли јајцето во птицата?

и кога ти реков: А што мисли птицата во јајцето?

Дали се сеќаваш кога ветрот ги диплеше житата

и лицата ни трепереа во водата што ја пиевме

и на времето кога те чекав, кога ме чекаше

и кога те барав, кога ме бараше ко јагулата

што го бара родниот крај на својата смрт,

кога открај докрај ни се отвораше залезот,

кога нашите тела на својата сенка ù сенеа

и ноќта ја мразевме, зашто нè разделуваше,

но таа доаѓаше и празнината си ја пополнуваше

со карбитните ламби и фосфорот што ù светкаше

од очите на мачките, од срцата на светулките.

Дали се сеќаваш на она потоа и потаму,

кога ставаше за вечера, кога чекав да постелиш,

кога ми рече: Легни си!, а мислеше – Дојди!

и кога чу: Ќе дојдам дур да изброиш до сто,

а мислев: Мислам на тоа и ти што го мислиш.

И кога потоа твојот здив ми се доближуваше,

како превез навеан дожд, како пауново перце,

како облаче од испраните алишта што се сушеа;

и кога спиеше и продолжуваше да го калемиш

поубавиот сон на погрдиот

и кога утрото, гледајќи во твоето росно чело,

го препознаваше својот елмаз, своето ведро небо.

Дали се сеќаваш: Тој што го праша за мене,

оној е за кој сè уште прашуваш.

—Петре М.А.

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Трговец со лимони од Зајас во топ 10 најбогати на Форбс листата

Граѓаните солидарни: Донации и подршка за синовите на Х.Локвенец