во

Верник од дома. Годинава Исус ќе воскресне на Zoom

(Нема ништо лошо во тоа да запалиш свеќа во сопствената одаја) 

Ги следам бурните (контра) коментари на социјалните мрежи за тоа дали е во ред во годината на Ковид – 19, годината кога владее глобална пандемија, годината која започна со милиони заразени и илјадници мртви ширум светот да се оди на црква или не?! Дали ќе бидат поголеми верници оние кои ќе одат да земаат причеста, оние кои ќе се протнат под плаштеница, оние кои ќе се чукнат со црвени јајца со пријателите и најблиските и ќе однесат свето оганче дома или оние кои за прв пат, за Велигден, ќе останат дома? Ќе (о)станат ли поголеми верници оние кои ќе земаат помазание или оние кои кои ќе го направат обичајот во контекст на христијанска традиција, овојпат импровизирано, во рамките на дозволеното, НО прифатливо за време на полицискиот час? 

Дали е нормален полицискиот час, колку тој е против убедувањата на верниците и колку соодветствува со практиките на дел од соседните држави каде се слави празникот е сосема друга тема. За неа оставам повеќе да се произнесат луѓето од првите верски редови, особено оние кои сѐ уште не го направиле тоа. 

На црква секогаш сум сакал да одам сам, без договори и друштва, бесшумно, со мислата за чинот пред кој сакам да се поклонам. Со желбата ова чудо да не трае кратко, а благословот од истиот да ме следи цела година. Да не се поздравувам, да не ме интересира дали со некој подоцна ќе треба да се видам во град. Со скромност и внатрешна радост за Воскресението да ги изодам трите круга најблиску до црквата, да ги допрам скришно ѕидовите, небаре се истите оние кои сами исчезнале при неговото ослободување; Со поглед кој на момент се упатува кон небото да видам дали ќе успеам да проследам трага од ослободените гулаби и најљубезно од некој непознат да помолам за оганот кој излегува од Исусовото огниште. Со бавен чекор наспроти ветрот да го споделам пламенот со друг кој не успеал да стигне внатре, со мила насмевка да разменам добродушност, по најкратките улички и сокаци да го донесам огнот во дома и да ја видам надежта во очите на мојата мајка и долго потоа да разговараме за оние кои не се со нас, а со нив животот ни бил побогат, поисполнет и поубав. 

Годинава јас нема да одам на црква. Господ годинава ќе не чека да се вмрежиме online. Секој го избира серверот и платформата со која ќе комуницира. Тоа што државата излезе со став кој не се коси со ставот на црквата и тоа што и двете страни повикуваат на едно, мене како верник ми е сосема доволно. Не мислам дека религиозните луѓе се несовесни, непослушни и крајно нечуствителни, напротив, го мислам токму спротивното, па баш поради тоа и започнав да пишувам со фактото дека јас ќе седам дома. Голема почит имам кон малкуте верници кои се бројат на рака и кои секојдневно ги посетуваат нашите храмови. Посетувањето на црквата за време на големите празици наликува како посета на концерт. Само што наместо во големата затворена хала народот не остава пластични шишиња ичаши, овде остава луши од јајца и уништени гранчиња здравец. Не се сеќавам на година кога не сум бил на црква за Христовото воскресение. Ова е можеби прв пат. Сум бил на Велигден и во Смолари и во Еднокуќево, сум бил и во Струмица во Св. 15 Тивериополски свештеномаченици, во Св. Кирил и Методи, во Св. Димитриј, а сум бил и во Скопје, Охрид и еднаш во Царево, Бугарија. Толку ми се годините. Ослободените гулаби ми вродуваат надеж, ме тераат да верувам дека постои нешто посилно од нас, ме убедуваат дека ветеното небо постои и дека секој има право за прошка и нов почеток. Да се биде слободоумен верник, либерален и правичен годинава значи да си седиш дома. Тоа е моето мислење, тоа е мојот став. Јајцата, колку толку, доволно се и три, повеќето ги имаме веќе, црвената боја која е единствена потребна исто така, вербата во Бога не не чека пред портите и најмалку и е потребно да се чекира. Нема ништо контрактикторно во изјавите, потребно е да се читаат меѓу редови, потребно е да се сакаме себе преку олицетворението на Бог, за да ги сакаме и другите, а пред сѐ да практикуваме дезинфекцирано верување оваа година. Верување во скафандер. Стерилизиран Бог. SF верување во пламенот… Секој со својот крст на чело. 

Никола Пијанманов - Молитва во Гетсиманија, 2020

Не знаеме дали навистина многумина ќе умрат. Не ја знаеме силата на молитвата, постот и моќта на лажичката. Не ја знаеме Божјата сила, но можеме само да претпоставиме колку силно може да удри вирусот доколку ова масовно собирање, па макар и со по пет лица во групи нема да заврши погубно како еден обичен фудбалски натпревар во Италија. Зарем Господ не кажа: „Не убивај“? Торжество над торжествата и Слава на Бога Воскреснатиот. Ќе скокне ли народот колективно во бунарот со отров чекајќи да се дофати за спас на влакното на Исус? Како мислиме да бидеме бар мал дел од миросувањето на човештвото? Профитот ќе пропадне, тоа е факт. Дали тоа значи дека и нашата верба ќе ослабне? Верувањето не е диетален процес, ние сме интернет варвари, а Господ нема потреба од докажување. Секоја наша мисла кај некого предизвикува бран. 

Годинава со молитва за здравје, љубов и благосостојба, без да бидам дел од толпата, како монах самотник, видлив, но невидлив, кршлив, но исполнет ќе продолжам верувам, дека и начинот на кој другите веруваат е исправен. Баба ми еднаш ми кажа: „Она во што веруваш, секогаш станува посилно во тебе и те води.“ 

Да се обидиме да веруваме во моќта на тоа што не обзема, во позитивна смисла. Тоа не прави пред сѐ луѓе, со доблест и грижливост, со почит кон околината и на крајот кон истомислениците, оние со кои се поклонуваме заедно. Постои живот над смртта. Да ги оставиме на момент умствените игри, капки сме кои капкаат во душата на Севишниот – се додека веруваме дека тој е дел од нас и ние сме негови неодделни парчиња среќа. Пасха во срцето. Нека преминот ни биде лесен. До скоро.

_____________________________________

Anastasia – Pass Over ( Premin )

No Description

_____________________________________

Слики во текстот: Никола Пијанманов 

– Тајната вечера, 2020

– Молитва во Гетсиманија, 2020

Извештај

Што мислиш?

Напишано од Митко Гогов

Најава за првата епизода од филмското шоу на Кирил Дончов

Девојчето што везеше за чеиз