Откако стана јасно дека на Задушница гробиштата ќе останат затворени поради рестрикциите, Здружението на починати граѓани (ЗПГ) побара викендов полицискиот час да не важи за нив, со цел да можат да излезат на овој, за нив, голем празник.
– Ние сме во карантин уште пред Ковид-19. Седиме затворени тука со децении. Некои од нас буквално се распаѓаат, па редно е, сега кога нашите роднини не можат да ни дојдат на посета, власта да ни дозволи ние да ги посетиме нив. – рече портпаролот на ЗПГ.
Во случај барањето да не биде исполнето, тој најави бојкот на следните парламентарни избори, а не ја исклучи ниту можноста заедно со своите колеги да формираат политичка партија, која ќе се залага за нив и ќе ги штити нивните интереси.