во

И ТАКА НАТАМУ (Вечерни погреби)

Сум присуствувал на повеќе погреби отколку на свадби, или, пак, погребите ми се закачиле за сеќавањето како тврдоглави крлежи. Сеедно. Сум бил на погреби кај соседи со кои сум разменил неколку добардени на улица, кај далечни и блиски роднини, кај дедо ми В и дедо ми И, кај татко ми Л, кај познајници, пријатели,миленичиња; сум бил ковчегоносец, ме дарувале со крпи и сум пролеал илјадници солзи кои би биле доволни да се наполни аквариум со златна рипка и плус да ми останат уште неколку голтки за да го измијам вкусот од таговната блага пченица во устата. За да си олеснам, ги гледам лицата на вистински натажените, на полунатажените и на залутаните и пробувам да им ја измерам тагата на кантар: госпоѓата со кратка руса коса – половина килограм тага, господинот во темносин костум – четири килограми тага,осумдесет-годишната госпоѓа во избледена црнина – тринаесет килограми тага и така натаму. Секогаш натаму – кон смртта. Оплакувачките и оплакувачите, видно потресени, си ги јадат сендвичите, си ги пијат сокчињата, истураат малку ракија за душа и разговараат како да не зборувале со години. Гробиштата ечат од „Богда ја/го прости“, „Лесна ѝ/му земја“, „Се спаси”… Неколкумина се издвојуваат од групата и почнуваат да крстосуваат низ соседните гробови: бараат некој свој, или, едноставно, се воодушевуваат од туѓите надгробни плочи. Еден стар господин (кого никој не го познава), размислува зошто нема вечерни погреби, кога веќе има вечерни свадби. Гробоуличните кучиња се надеваат на остатоци од храна, а духовите на одамна починатите едвај чекаат да си заминат живите за да можат да си поспијат во тишина. „Вечен мир? Каков подмолен рекламен трик“, ѝ рече Ц (упокоен 1976) на неговата сопруга С (упокоена 1993) и бесно ја тресна мермерната плоча зад себе.

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Напишано од Владимир Лукаш

стави сЕ во втор план

Сосема неочекувано со Владо Јаневски – Мирисот на смртта