во

За Вапцаров

23 јули, 1942, денот кога е убиен Вапцаров. Раскажува: Моника Силјановска

Бојка Вапцарова ја запознав во нејзиниот дом во Софија, во еден од последните денови од нејзиниот живот што го живееше во брак со извесен Никола Шивачев, некогашен конзул на Бугарија во Москва. Заедно сo Александар Кукулев, тогаш новинар во Радио Велес, бевме единствените луѓе од Македонија кои се сретнале со неа.

Бојка, раскажувајќи за нејзиниот живот со Вапцаров, одеднаш ќе почнеше да кажува некоја од неговите песни, а таму каде што ќе ја изневереше меморијата, ја надополнуваше Шивачев, кој оставаше впечаток дека ги знае наизуст сите песни на Вапцаров. Живееја во дом, во кој, на секој ѕид висеа фотографии од неа и Вапцаров, од неа и од мајката на Вапцаров, од Вапцаров… Како да живееја со него.

Како поминуваат годините, еве веќе осумнаесетта, сѐ повеќе ми се живи сите детали од таа средба и сѐ повеќе се радувам, што токму таа, Бојка, за којашто ги напишал најубавите стихови, сподели со мене значаен дел од животот на Вапцаров, стрелан на утрешен ден, 1942 година.

Еве едно од писмата што ѝ ги испраќал:

Боја, моја несекојдневна среќо!

Боја, моја песно што заѕвонила далеку зад падините на Витоша и што го оставила одекот на еден вечен спомен да се носи во неговото срце на пловни, топли бранови.

Боја, ти знаеш ли колку те сакам?!

Боја, си спомнуваш ли за човекот чијашто душа се стреми кон сонцето, а е заплеткана во мрежата на фабричките оџаци од дим?

Боја, си спомнуваш ли за човекот кој е жеден за просторната слобода, а душата му е заклучена во ритамот на машините?

Спомнувај си, Боја, спомнувај си и тој ќе ти го даде сето срце полно со непроѕирна мака и копнеж за среќа и вечна убавина.

                                           Кољо

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Сосема неочекувано со Владо Јаневски – Мирисот на смртта

Чаир ќе му подигне споменик на „незнајниот газда на дивоградба“