во

песни ко песни

секогаш почнуваат со немир.

некогаш те јаде носот, некогаш

јанѕа те јаде, некогаш не знаеш

што ѓаол те јаде, ама си го носиш

со себе по патот.

ги запишуваш. некои излегуваат

веднаш, без провокации. некои

треба да ги чекаш со денови. па се молите,

па им се лутиш што толку долго те мачат.

за некои ти треба автобус, воз, ти треба

да леташ, да преминуваш граници. за

некои ти треба да си раат, да е ноќе,

ти треба само ти да си буден. ти треба

да си спокоен ко пред умирачка.

некои ги криеш, ги чуваш да потпораснат.некои веднаш му ги пушташ на светот.

има и такви што дури и тебе ти се по мерак.

а намќориште си со тапија. занает си учел

за наоѓање мани. па препрочитуваш.

преправаш понекогаш. додаваш. кастриш.

некогаш може и вака и така. а некако мора.

ама, ете, се погодило некогаш, без мака, дури,

се трефнала и некоја рима, ритамот си врви,

алитерации, асонанции, сликите јасни,

баш ко што ти се тебе в глава.

некогаш сѐ има смисла.

и баш тие, најубавите, се најмалку твои.

 тие кај што тебе најмалку те има.

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Напишано од Мудросер Гојко

СОЛОМОНСКО РЕШЕНИЕ: На местото на Универзална ќе се гради казино

Немој бе Боле, бе…