во

БравоБраво

Недела

Седам на каучот во дневната соба облечен во пижами со слончиња и пингвини и пијам кафе со млеко. Настинат сум, кивам како да нема утре (а можеби и нема да има) и менувам канали на телевизорот со расклатениот далечински управувач. Боже, и на телевизија е недела: сите седат облечени во пижами со слончиња и пингвини и гледаат луѓе седнати во пижами со слончиња и пингвини како гледаат… Ѕвррррр! Кој ли е сега? Никој не се најави за гости, инкасаторите не работат денес, јеховините сведоци не се возат со лифт за викенд… Станувам, добро… по ѓаволите… Се приближувам до влезната врата на прсти, за да не се чуе крцкање на паркетот и погледнувам низ шпионката: маж, дотеран, околу триесет и пет години, во раката држи некакво парче хартија. Главата му е спуштена покајнички. Што сакате, прашувам без да ја отворам вратата. Човекот молчи. Што сакате?, повторувам и повторно погледнувам низ клучалката: жена, околу седумдесет години, во раката држи црна платнена торба со лебови. Помогнете ми!, почнува да вика и го доближува своето око до клучалката. Се тргам и седнувам до вратата. Жената почнува силно да тропа и да вреска неразбирливи зборови, но одеднаш престанува и почнува да плаче. Станувам и повторно погледнувам низ клучалката: слонче и пингвин се држат за рачиња и гледаат кон вратата. Одете си, им велам и се враќам во дневната соба, го гаснам телевизорот и погледнувам во своите пижами преполни со цртежи на мажи и баби кои стојат пред мојата врата и чекаат да им отворам.

Извештај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Што мислиш?

Напишано од Владимир Лукаш

Многу е битно во животот…

Клукај